Центрифугирање

Зачувано под: поезија — venera at 8:50 pm on четврток, декември 8, 2011

96040521

Кога ќе те стигне зимата

на крајот од уличката,

немој да брзаш

со изненадувањето.

Бори се.

Пушти ги очекувањата

да кружат наоколу

како најнов трач,

додека не им се слоши

од вртењето во глава.

Ќе играме брза географија

запишувајќи ги соништата

класифицирани во табелите.

Именки и глаголи

во машина за перење,

на центрифугирање.

Уште еден добиен натпревар

во лигата на скептиците.

Подготовка

Зачувано под: поезија — venera at 5:29 pm on среда, октомври 19, 2011

stock-illustration-1652836-tea-bag-figure

Две тегли кисели насмевки.

Без конзерванс.

И без смисол за хумор.

Веќе се согласивме

дека не се согласуваме.

Идеите не не прават идеални,

ниту верувањата верници.

Исчистени, одбрани

парчиња лето

ставаме во туршија,

витамински додаток

во зимската чинија

подгреан оптимизам.

И студот има ДДВ

пресметан во

иситнети сеќавања

собрани

во кесички чај.

Колку сива економија

собира во чаша

врела вода…

Часови по безгрижност

Зачувано под: поезија — venera at 5:27 pm on среда, октомври 19, 2011

i_dont_care_thumb

Помисли

колку бесмислено станува

мислењето

за зборовите

кои ти го допираат грбот.

Одблесоци од парченца стакло

на искривени огледала.

Измислици

дозирани во мали

пластични насмевки.

Ти се гади?

Симптом  на труење

од хипокризија во

контаминираниот простор.

Излез за итни случаи -

научи веќе еднаш

да не ти биде гајле!

Прешкртано

Зачувано под: поезија — venera at 10:05 pm on среда, април 6, 2011

Paradox-of-our-times-300x294

Не мери го времето.

Заеби.

Имаме премалку минути

а премногу години,

за сите тие објаснувања.

Прешкртај ги.

Порамни ги краевите

на насмевката

и закопчај го погледот.

Те стега мислата?

Не мудрувај.

Батали.

Паметот е потстанар

кој доцни со киријата.

Не не‘ собира и двајцата

во една приказна.

Да бевме помали…

Зборот во тесен чевел

Зачувано под: поезија — venera at 3:21 pm on вторник, октомври 26, 2010

il_430xN.54534465

Пушти го да пријде зборот

кој ѕирка несигурно

зад тарабата од формалности.

Му го чувствувам копнежот.

Го препознавам.

Истиот копнеж го имаат

малите прсти од моите стапала

кога ги шетам наоколу

во тесни чевли

со високи потпетици.

Олабави.

Пушти го зборот,

зашто…

ќе ти тежи повеќе

отколку мене

чевлите во раце

кога се враќам боса.

Поедноставено

Зачувано под: поезија — venera at 3:15 pm on вторник, октомври 26, 2010

no_time

Во втората печка на Фени

ми  согорува времето,

часови со доброени минути

претворени во чад

низ оџакот без филтер.

Емоции претопени во метал.

И жгура наместо кусур.

Зборувај во бројки,

буквите одамна веќе

немаат смисол.

Колку „Г“ има во едно „З“?

Забележуваш ли кога

хартијата станува

потешка од металот?

-

Еден остров во Дубаи

содржи парче душа

и уморна насмевка.

На лозје

Зачувано под: поезија — venera at 3:13 pm on вторник, октомври 26, 2010

grozje

Не подавај ги рацете

по гроздот

од оваа страна на редот.

Не сме во брачниот кревет.

Маказата не признава

брачни должности.

Ќе ти ги исече прстите.

Овде, секој бери

од својата страна

на лозата.

Не сакам помош.

И не расправај се со мене

додека држам

остар предмет во раката.

Расправата остави ја

за подоцна.

Во спалната соба.

Таму ќе ти дозволам

да подадеш рака.

Од мојата страна

на креветот.

Ќе имаш предност.

Остриот предмет

кај тебе.

Тогаш ќе аргументираме.

Сега бери.

Не гајле. Грозје.

Од твојата страна на редот.

Жирант

Зачувано под: поезија — venera at 7:33 pm on вторник, октомври 5, 2010

three-bird-smiley-face

Не биди намќор.

Иако е светска криза на позитивност.

Знам дека си кредитоспособен

за насмевки.

Еве, ќе ти бидам жирант

ако е потребно.

Насмевни се.

Нема да заглавиме

со каматната стапка

за сјајот во очите.

Насмевни се.

Ќе ја ставам под хипотека

целата своја духовитост

за да ги отплатам ратите,

кога ќе те притисне сериозноста.

Ништо не губиш.

Насмевни се.

Внатре, во чашата…

Зачувано под: поезија — venera at 8:39 pm on четврток, септември 30, 2010

casa

Ми го свртуваш вниманието

како вино во чашата

пред да го пробаш.

Ароматични погледи

ги провоцираат сетилата.

Жеднуваме.

Гласот добива темна боја

а зборовите тежок чекор.

Знам, горчината доаѓа покасно.

Сега, сеуште е слатко.

Дозираме голтка по голтка.

Ќе сопреме ли пред да загорчи?

Надвор врни.

Истура.

Испразни ја чашата.

Испиј или истури.

Заобиколување

Зачувано под: поезија — venera at 8:36 pm on четврток, септември 30, 2010

zaobikoluvanje

Од оваа страна на вистината
пораснала коприва.
Секој обид за доближување
ги жежи и чеша мислите.
Заобиколуваме
за да не се повредиме.
Добиваме малку на време
пред да пропаднеме
во бездната
од другата страна
на вистината.

Следна страница »